| 2.04.2008 07:29 | ||
| Инфлацијата во март - алармантни 10,2 отсто |
|
|
|
Според Утрински весник, инфлацијата во земјата и натаму расте, достигнувајќи во март годинава дури 10,2 отсто. Со тоа, сите напори на монетарната и фискалната власт да ја скроти и контролира инфлацијата се чинат залудни. Според експертите, ваквата инфлација треба да ги алармира сите надлежни институции, кои треба да преземат мерки за навреме да го спречат натамошниот раст на стапката на инфлација. Владината акција за намалување на цените на основните прехранбени производи станува очигледно дека не го даде посакуваниот ефект, коментира Утрински, а незатегањето на државниот ремен за непотребни трошења дополнително влијае врз растот на инфлацијата.
„Последниве три месеци имавме висока инфлација, но малку се направи за да се амортизира и намали. Наспроти сигналите од НБМ, која два пати ги зголеми есконтните стапки, фискалната власт многу малку направи во поглед на намалување на трговскиот дефицит и коригирање на непродуктивната јавна потрошувачка“, вели професорот на Универзитетот на ЈИЕ, Абдулменаф Беџети. Тој смета дека е наблагодарно да прогнозира со каква инфлација ќе ја завршиме годинава, но смета дека таа ќе се доближи до границата на едноцифрена бројка. „Кога одговорните во НБМ велат дека 2008 година ќе ја завршиме со инфлација од 6 до 7 отсто, тоа значи дека таа ќе биде многу поголема и ќе се доближи до двоцифрена бројка“, истакнува Беџети. Ова е втор пат од осамостојувањето на државата да имаме двоцифрена стапка на инфлација. Прв пат двоцифрена инфлација имавме во време на владата на Љупчо Георгиевски. Според експертите, двоцифрените стапки на инфлација го осиромашуваат народот и не водат во просперитет. Се смета дека најоптимални услови за забрзан стопански раст постојат во услови на ниска, стабилна, едноцифрена стапка на инфлација.
Само регистрираните корисници можат да внесуваат коментари.
Powered by !JoomlaComment 3.26
3.26 Copyright (C) 2008 Compojoom.com / Copyright (C) 2007 Alain Georgette / Copyright (C) 2006 Frantisek Hliva. All rights reserved." |
||||||
| < Претходно | Следно > |
|---|
| Поврзани вести |
|---|








