Дали се случи нешто ново на годишнината на македонската берза?
Да. И тоа, убави работи - сите (и стари и новоотворени) членки на берзата беа таму. Сосе клиентите. Од институциите, фалеше само ЦДХВ. Имаше и презентации од признаени стручни лица од целиот балкански регион. Научивме дека, конечно, берзата кај нас почнала да размислува за сопствениот развој и решила да воведе нови инструменти. Наскор, секоја ќе може да продаде хартии дури и пред да ги купи! Овој ’изум’ не е македонски. Постои долго време под името ’short selling’ во развиениот дел од светот. Како ќе функционира кај нас, лесно е да се замисли, зашто за продавање работи кои се уште ги немаме, мислам дека сме меѓу подобрите. Вториот инструмент што беше најавен на Деветтата годишна конференција на Македонската берза се конвертибилните обврзници. И да се конвертира не е лесно, ама брокерите се умни, па ќе научат. Понатаму, се слушна дека ќе се поттикнело и издавањето општински обврзници. Е, овие се најубави од следните причини: 1. За разлика од самопридонесот, со општинските обврзници на македонските граѓани би им се дала можност да си ги добијат назад парите, ама и да го видат плодот од тоа што и позајмиле пари на својата заедница; 2. Општините кои ќе го сфатат ова бргу, ќе можат да престанат да зависат од централната власт, која и така не знае што попрво; 3. Советите на општините се обично составени од експерти од разни полиња, вклучувајќи и економисти. Затоа, треба да биде лесно да направат план за враќање на долгот кон граѓаните на нивната општина. з.а.
|