Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс изјави дека е неопходно да се разрешат раликите меѓу Македонија и Грција, бидејќи само така Македонија ќе стигне до портите на Алијансата.
Изразувајќи жалење што Македонија не можеше да биде примена во НАТО на самитот во Букурешт, таа изјави дека тоа ќе се случи веднаш откако ќе се најде решение за името.
Меѓутоа, од Вашингтон се најавува и дека ќе се продолжи со притисокот врз двете земји да ги забрзаат преговорите и конечно да го затворат спорот. Одговорот на Грција е дека нема да подлегне на таквите притисоци, подвлекувајќи дека преговорите ќе траат онолку долго колку што е потребно да се дојде до решение кое е прифатливо за Атина. Според А1 телевизија, дипломатски извори за весникот „Елефтерос типос“, изјавиле дека не исклучуваат медијаторот Нимиц да излезе со нов предлог за сложено име, кое најверојатно би било „Нова Македонија“.Наводно, на петочната средба во Атина, Бакојани најверојатно ќе му пренесе на Нимиц дека Грција е незадоволна од неговото посредување, пред се поради тоа што неговите предлози не се избалансирани.Грчкиот премиер Караманлис и министерот за надворешни работи Бакојани се разочарани од две работи, „тие веруваат дека предлозите на Нимиц не се независни. И второ, тоа што грчкиот преговарач Василакис бил убедуван од Нимиц дека нема да има нови предлози за името, а сепак имало“, пишува „Елефтерос Типос“, повикувајќи се на извори од Владата.
|