Туристичките агенции јавуваат дека интересот на македонските туристи за Халкидики годинава е многу мал, па некои од поголемите туристички агенции воопшто немаат понуда за Грција.
Наместо тоа, граѓаните од земјава се се позаинтересирани за летување на Палма де Мајорка во Шпанија и на Сицилија во Италија, пренесува Дневник. Поради зголемен интерес за овие две монденски туристички дестинации, агенциите побарале од националниот авиопревозник МАТ да организира директни чартер-летови. За сметка на тоа драстично бил намален бројот на граѓаните што сакаат да го поминат годишниот одмор во грчките летувалишта. Николас Кимерле, комерцијален директор во МАТ, според изворот, рекол дека од средината на јуни авионите на компанијата ќе летаат директно на релација од Скопје до Палма де Мајорка и до Катанија. По барање на туристичките агенции, од средината на јуни до септември се договорени две нови чартер-дестинации. Од агенциите ни посочија дека зголемената побарувачка е резултат на откажувањата на аранжманите за Грција, изјавил тој.
|