|
Министерот за здравство Селмани потврди дека Министерството им влегло во трага на докторите кои со години организирано ги упатувале пациентите по лекови и скапи медицински материјали во одбрани веледрогерии и аптеки. 
Истрагата на Министерството за здравство довела до имињата на докторите кои најчесто фигурираат на фискалните сметки. „Тој триаголник на организирана злоупотреба на пациентите функционирал со години. На топ листата се наоѓаат хирурзите, а некои имиња се повторуваат постојано на сметките за купените материјали, што укажува на сомнеж дека тие земале провизија на таков начин. Нема да обелоденам за кои доктори се работи, тие се следат и кога ќе имаме доволно докази, ќе интервенираме“, ја пренесува А1 изјавата на Селмани. Признавајќи дека Министерството водело битка со директорите на клиниките за да распишат тендери, за да се спречи злоупотребата на пациентите на ваков начин. како и за да се намалат цените на лековите и медицинските материјали. Посебно биле предупредени Абдоменална хирургија и Ортопедија, бидејќи со препраќањето сами да купуваат, штета имаат не само пациентите туку и Фондот, кој рефундира дел од парите. Истрагата ќе ја продолжи внатрешната ревизија на Министерството, чија задача е да утврди каде и кој го прекршил законот во болниците, откако контролорите на Фондот констатирале неправилностите кои се однесуваат и на ваков вид злоупотреби. „Секаде каде што ќе се појават очигледни човечки грешки или несакање за спроведување на правилата ќе преземеме мерки“, рече Имер Селмани. За тие што згрешиле пред законот Министерството најавува прекршочни и кривични пријави, како и разрешување од функциите, јавува А1.
|