|
 Главната порака на генералниот секретар НАТО, Шефер, за време на неговата посета на земјата бешe дека Македонија треба да најде решение со Грција до 9 јули, за да ги стигне Албанија и Хрватска, зашто евроатлантската интеграција е клучен предуслов за стабилноста на регионот.
Истакнувајќи дека ја разбира македонската фрустрација по ветото во Букурешт, тој сепак побара наместо земјата со лутина да се фокусира на она што веќе изминало, да собере сила и да продолжи напред. „Јас сум оптимист и гледањето наназад не е од помош. Сакам да гледам напред и се надевам дека сите го сакаат истото, за да се најде решение на прашањето за името“, изјави Шефер, ја пренесоа медиумите неговата изјава. Овој, најнов датум кој НАТО и го дава Македонија да го реши спорот околу името, е поврзан со потпишувањето на протоколот за пристапување кон Алијансата од страна на Албанија и Хрватска. Сепак, и покрај оптимизмот, генералниот секретар ја остави отворена и можноста Македонија да остане надвор од НАТО, доколку не се најде заемно прифатливо решение за името. Објаснувајќи дека НАТО е сојуз кој работи на принципите на консензус и дека сите 26 членки треба да се согласат со секоја одлука што Алијансата ќе ја донесе и истакнувајќи жалење што тоа не било можно во Букурешт, Шефер сепак изразил надеж дека тоа ќе биде можно наскоро. За време на четиричасовната посета на Скопје, шефот на НАТО се сретна со министрите за надворешни работи и одбрана, Премиерот и Претседателот, кој од Шефер побарал во Брисел да ги пренесе пораките дека Македонија нема дилеми околу потребата да стане членка на Алијансата и да го стабилизира регионот. Сепак според шефот на државата, Македонија не е подготвена тоа да го стори по цена на сопствената дестабилизација.Инаку, грчките медиуми беа преплавени со известувања од посетата на Шефер на ’Скопје’. Некои од нив изразија разочарување што меѓународната заедница не излегува со нов предлог, зашто последниот Грција категорично го отфрлила.
|