601 глас „за“ и 52 „против„ на Европарламентарците е исходот од гласањето за Резолуцијата за напредокот на Македонија кон ЕУ, која почива на извештајот на холандскиот европратеник Ерик Мејер. Резолуцијата, меѓу другото, му наложува на Европскиот совет уште на идниот самит да го процени напредокот на земјата и да утврди, ако е можно тоа, датум за почеток на преговори за членство.
Се разбира, тоа е условено со исполнување на осумте приоритети зацртани од Комисијата. Сепак, сенка на целиот настан повторно фрли спорот околу името на Македонија. Токму поради тоа, групата на зелените во Европарламентот гласаше против резолуцијата, не поради тоа што тие не ја поддржуваат Македонија, туку најмногу поради незадоволството околу компромисните амандмански решенија за преговорите околу името. Имено, групата на зелените отворено застана на страната на Македонија, јавува ТВ А1.
„Тоа е проблем што трае со години, потребно е да се пресече ова прашање. Македонија е Македонија и ќе биде Македонија. Грција тоа ќе го прифати, нема разлики. Тоа е како Новиот и Стариот завет“, ја пренесува А1 изјавата на Даниел Кон Бендит од групата на зелените.Во компромисниот амандман, кој иако ублажен пак не е многу по вкус на грчките европратеници, се вели дека „решението за името е во продолжување на преговорите“. „Мислам дека извештајот на Мејер е обид да не фрла масло врз огнот, и да се почитуваат малите чекори направени од двете страни“, оцени веднаш по гласањето Дорис Пак, претседателка на Комисијата за Југоисточна Европа при Европскиот парламент. Името, значи, официјално не е пречка, ниту нов услов за напредокот на Македонија на патот кон ЕУ, но тоа де факто на еден начин стана предуслов. Тоа, наводно, на А1 и го потврдил Жозеп Дол, претседател на најбројната парламентарна група во ЕП, онаа на народните партии.„За името е потребно да се најде договор меѓу двете земји. Не може да се продолжи без договор. Сега е потребно да најдеме решение за фамозното прашање за името и тоа колку што е можно побрзо“. Тој одбил директно да каже дека станува збор за воведување нов, непредвиден услов за членство на една земја во ЕУ.„Не, да, да! Ви велам дека треба да се најде решение пред една земја да стане членка на Унијата. Ние имаме случаи во кои одевме пребрзо и мислам дека ниту ФИРОМ, ниту Македонија, ниту Нова Македонија, да ги искористам имињата кои се на маса, нема да бидат пречка да се најде решение пред нејзиното влегување во Унијата, ниту ќе го блокираат членството. Но, ние треба да побараме да се изнајде решение. Потоа ќе биде полесно“, А1 го цитира Дол.Во амандманот стои: Европскиот парламент бара Македонија и Грција веднаш да ги продолжат преговорите за името, со оглед на неодамнешниот напредок и со дофат на компромисно решение. Спорот не продолжува да претставува пречка за македонското членство во меѓународните организации.Сепак, во него се потсетува на времената спогодба која се уште е во сила. Овој амандман е политички компромис, со внимателно одбрани зборови, но не ја обврзува Грција да постапи по препораките од Европарламентот. Да потсетиме и дека секоја одлука во Унијата се носи со консензус. Во резолуцијата преовладува мислењето дека многу работи се променети во Македонија и дека таа работи по прашањата за кои беше критикувана. Известувачот ја пофалува земјата за спроведувањето на Охридскиот договор, направените законодавни реформи, за зголемената грижа за малцинствата, сепак, забележувајќи и' за дискриминацијата на Ромите. Европратениците побараа од властите на Македонија да направат максимум за подготовка на преговорите за членство во Унијата пред крајот на 2008 година. А, не се заобиколени ниту предвремените избори и се нагласува дека владината коалиција ќе гарантира дека изборите ќе бидат правични и демократски во согласност со Изборниот закон.
|