|
 Турските сопственици на пиварата во Битола едноставно побегнале во странство, оставајќи ја фирмата презадолжена и самата на себе.
Во хаосот што настанал, некои доверители започнале присилно да се наплатуваат од имототот на фирмата, а вработените, во обид да го заштитат, стојат околу фабриката и им се спротивставуваат. Првиот судир бил со агенцијата за обезбедување „Каратија“, која побарува половина милион за нивните услуги, за кои не е исплатена две години. Вкупниот долг на пиварата надминува 20 милиони евра, а во нив, освен доверителите, се вклучени и неисплатените плати за четири месеци и придонесите за четири години. Сепак, вработените се обидуваат да ја зачуваат фабриката, за во случај таа повторно да проработи. Инаку, полицијата има поднесено кривични пријави против сопствениците за затајување на данок во износ од 12,5 милиони денари, а ќе издаде и меѓународна потерница. За истото дело се обвинети и финасискиот директор и главниот магационер на пиварата. Јавното правобранителство поведе спор за поништување на приватизацијата од 2000 година, кога фабриката беше продадена за 50.000 евра.
|